
Бугарија го ратификуваше договорот за меѓуграничен железнички тунел на Коридор 8
Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Република Македонија и Република Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8, објави вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, на својот фејсбук профил.
Договорот, кој претходно во декември беше ратификуван и од Македонското Собрание, сега е официјално потврден и од бугарската страна, што овозможува продолжување со изградбата на железничкото поврзување меѓу Скопје, Софија и Бургас.
Николоски истакна дека договорот, потпишан на 6 ноември со заменик-претседателот на Владата на Бугарија, Гроздан Караџов, ќе ја зајакне економската соработка меѓу двете држави и народи, и дека покажува силна посветеност на Македонија кон реализацијата на Коридор 8, кој е значаен безбедносен коридор со висок интерес за НАТО и стратешките партнери.
„Паралелно го развиваме и Коридор 10, со цел Македонија да стане вистинска раскрсница на Балканот за добробит на сите граѓани“, напиша Николоски, додавајќи дека работата на овие проекти ќе продолжи.

