
Бројот на склучени бракови опаѓа, растат разводите!
Државниот завод за статистика објави свежи податоци за третиот квартал од 2025 година, кои откриваат значајни промени во демографските текови во земјата. Бројот на склучени бракови продолжува да опаѓа, додека разводите бележат нагорен тренд.
Според извештајот, во периодот од јули до септември годинава се склучени 3.514 бракови, што претставува пад од 2,8% во однос на истиот квартал во 2024 година. Овој тренд, според демографите, е показател за продолжување на долгорочната тенденција на одложување или избегнување на бракот, особено кај младите генерации.
Од друга страна, бројот на разводи драстично расте. Во третиот квартал се регистрирани 470 разводи, што претставува зголемување од 27,7% во однос на истиот период лани. Стручњаците го поврзуваат овој пораст со економските притисоци, миграцијата и промената на општествените норми за брачниот живот.
И покрај овие негативни показатели, статистиката носи и позитивна вест — наталитетот расте.
Во истиот квартал се родиле 4.431 живородени деца, што е 3,7% повеќе во споредба со 2024 година. Демографите потенцираат дека растот на бројот на новороденчиња е охрабрувачки сигнал, особено во контекст на подолгогодишниот тренд на намалување на популацијата.
Истовремено, бројот на смртни случаи е во благо опаѓање. Во третиот квартал од 2025 година починале 4.849 лица, што е намалување од 0,5% во однос на истиот период минатата година. Од нив, 20 случаи се смртни исходи кај доенчиња, што продолжува да биде чувствителна категорија за мониторинг на здравствените институции.
