
БРАТОТ И СЕСТРАТА САМАРЏИОСКИ МОЖАТ ДА ПРОСЛАВАТ – пивото и соковите на „Прилепска пиварница“ донесоа профит од три и пол милиони евра
Во Македонија може многу
убаво да се живее од еден бизнис, а тоа е производството на пиво и сокови. Профитите што ги остваруваат
тие македонски компании се одлични, иако треба да се има предвид дека овде се
мисли пред се на етаблираните фабрики, чии производи му се добро познати на домашниот
потрошувач, но се повеќе се пробиваат и на странските пазари.
Еден од тие примери е
„Прилепска пиварница“, која во првите девет месеци од годинава инкасираше чист
профит од 3,34 милиони евра, што е двојно зголемување на профитабилноста во
однос на истиот период лани. Или, порастот на нето добивката е за цели 90
проценти.
Тоа се одлични пари кои
ги заработиле сопствениците на оваа компанија, односно братот Сашко
Самарџиоски, кој поседува 36,32 проценти од капиталот на оваа успешна прилепска
компанија и сестрата Панде Самарџиоска, која располага со еднаков акционерски
пакет исто така од 36,32 проценти.
Останува да се види
каков ќе биде финансискиот резултат на компанијата за целата оваа година и како
ќе се одлучи да се распредели, но за тоа ќе решат акционерите на акционерското
собрание кое ќе се држи некаде во вториот квартал од наредната година.
Што беше пресудно ова
прилепско акционерско друштво да прикаже вака добри бројки за првите три
квартали од годинава?
Компанијата остварила во
деветте месеци оперативни приходи од 26,7 милиони евра, што е зголемување за 16
отсто во однос на истиот период лани. Веќе е познато дека главниот носач на
приходната страна се приходите од продажбата, од кои се инкасирани 26,1
милиони евра.
Од нив, пак, најголемиот
дел од приходите се должи на продадените пиво и сокови на домашниот пазар, од
кои компанијата наплатила 25,8 милиони евра, и тука порастот изнесува 15 отсто
во однос на првите девет месеци од минатата година.
А, приходите кои се
остваруваат од странство, оваа година доживеале вистински бум и се зголемиле за
двојно, односно за 98 проценти, иако тие се ниски како учество во приходната
страна, и од нив годинава досега се инкасирани 344 илјади евра.
Кај приходите во делот
на залихи на готови производи има зголемување за 52 отсто.
Додека, пак, останатите оперативни приходи на компанијата и донеле 507 илјади
евра, односно повеќе за 11 проценти во однос на истиот период лани.
И, ако некој се прашува
зошто е добивката толку зголемена, одговорот се крие во значајно помалиот раст
на трошоците, односно на расходите, во однос на приходите. Па така, „Прилепска
пиварница“ во првите девет месеци од годинава остварила оперативни расходи од
23,9 милиони евра, што е раст за осум отсто во однос на истиот период лани,
наспроти приходите, каде растот е двојно повисок и изнесува 16 проценти.
Најголем дел од
оперативните расходи отпаѓа на ставката трошоци за суровини и други материјали,
за што се прокнижени трошиоци од 10 милиони евра, и каде што растот е само два
процентии. Кај останатите трошоци од работењето, процентот на зголемување е
повисок и изнесува 30 отсто.
За своите вработени,
пак, односно за плати и надоместоци, компанијата во првите девет месеци од
годинава потрошила 2,3 милиони евра, што е зголемување за 16 проценти во однос
на истиот период лани. Ова значи дека или се зголемиле платите на вработените,
или се зголемил бројот на вработени, што во секој случај е позитивнио за
компанијата.
Кога станува збор за
финансиските приходи, пак, во анализираниот период тие изнесувале 451 илјади
евра, што е раст за 17 отсто, додека, пак, финансиските расходи се многу
пониски, само 28 илјади евра, и плус тие се преполовени во однос на истиот
период минатата година.
И, како резултат на сите
овие приходни и расходни ставки, добивката на компанијата за првите три
квартали од годината изнесувала 3,34 милиони евра, што е двојно повисок раст
во однос на истата временска отсечка од лани.
Н.Н.Ф.
