
Божиновска: Помагаме на ранливите, нема исклучување на електрична енергија!
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска во интервју за „Зум ин“ на „Блумберг“ зборуваше за концептот на енергетска сиромаштија кој е предвиден со новиот Закон за енергетика.
„Прв пат се воведува концептот за енергетска сиромаштија. Досега тоа го немало. Ние уште пред да се донесе законот, имавме работна група со Министерството за социјална политика и со ЕВН и работиме на формулирање на метод за енергетска сиромаштија. Сакаме да ги детектираме навистина оние кои се енергетски сиромашни и тука воведуваме за прв пат и финансиски и нефинансиски мерки. На пример нефинансиски мерки значи дека во зимата овие кои ќе бидат детектирани како енергетски сиромашни не може да им ја исклучите електричната енергија“ потенцираше министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска во интервјуто за „Зум ин“.
Таа појасни дека Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини досега имало два повици за ранливи категории, како дел од финансиските мерки за поддршка и најави дека ќе се продолжи со субвенциите.
„Ние дававме субвенции, ќе продолжиме и понатаму. Министерството ќе има повици и ќе имаме директна помош, значи ќе им се префрлаат пари за електрична енергија што значи нема да има никакви шанси за злоупотреба, а од друга страна навистина сакаме да помогнеме на тие што се ранливи! Со помош од Европската унија, тие имаат точни методологии, каде што точно ние ќе детектираме и ќе имаме начини како да им помогнеме!“, рече министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска во интервју за „Зум ин“ на „Блумберг“.
/faktor.mk