
БОСАНСКИ МИНИСТЕР ТВРДИ ДЕКА ПОСЕДУВА ФОТОГРАФИИ: Руски паравоени кампови има во Република Српска
Се појави тврдење дека руски паравоени кампови има во Република Српска во Босна и Херцеговина (БиХ).
Министерот за одбрана на БиХ, Зукан Хелез изјави дека на територијата на Република Српска има „воени кампови за обука на паравоени формации“ и дека ги водат „некои луѓе од Русија“. Хелез денеска изјави дека во областа Рогатица и на планината Маглиќ, во Република Српска, има воени кампови за обука на паравоени формации. Тој за Радио Слободна Европа кажа дека има и фотографии.
„Тие се лоцирани, ги следиме и лесно можеме да ги елиминираме“, изјави Хелез за регионалната ТВ Н1, посочувајќи дека вежбите што се изведуваат таму се „полулегални“, а бројот на учесници варира.
Рече дека тие се појавуваат, а потоа исчезнуваат.
„Тие вежбаат со оружје, а знаеме од каде го добиле. Се става под некаков облик за да бидат легални, како дел од МВР на РС, потоа се појавува во друга форма и додека не е опасно за државата, нема реакција“, рече Хелез.
Министерот за одбрана на Босна и Херцеговина кажа дека за ова биле информирани и „луѓе од меѓународната заедница“.
По повод наводите на Хелез, министерот за надворешна трговија и економски односи на БиХ Сташа Кошарац побара од претседавачот на Советот на министри на БиХ Борјана Кришто што поскоро да свика итен состанок на Извршниот разузнавачки комитет.
Претходно, руските власти го пофалија лидерот на босанските Срби, Милорад Додик дека бил добар политичар. Неколку Срби веќе загинаа во војната во Украина која почна лани на 24 февруари. Украинскиот претседател Володимир Зеленски пред неколку дена изјави дека има информации дека Русија сака да направи нереди на Балканот, односно една земја да војува против друга.
foto Facebook/Zukan Helez
