
БИЗНИСОТ НА „ИСКУШЕНИЈА“, АМА КОМПАНИЈАТА ИМА СИЛА И ИМА МОЌ – ОКТА лани со приходи од 720 милиони евра и профит од 3,54 милиони
Голем бизнис носи големи приходи. Билансот на
успех на скопската рафинерија ОКТА покажува зошто деловната активност со
нафтени деривати се смета не само за профитабилна, туку и за навистина моќна
дејност.
Последниот финансиски извештај на скопската
рафинерија која е во доминантна сопственост на грчки ЕЛ.П.ЕТ Балканике
Петролеум, говори дека таа компанија во текот на минатата година инкасирала
огромни приходи од продажбата на нафтени деривати. Или, станува збор за 720
милиони евра, што во однос на претходната 2023 година е дури и намалување, за
10 проценти.
Но, тоа не значи дека лани не се зголеми и
добивката на оваа компанија, имено, нејзиниот чист профит во 2024 година достигна
3,54 милиони евра, и тоа е раст за дури 13 отсто во однос на една година
претходно. А, во своето образложение кое го приложуваат кон финансискиот
резултат, од ОКТА многу убаво објаснуваат како тие одговориле на намалените
приходи од продажбата на нафтени деривати, на пример, со вложувањето во
обновливи извори на енергија, како што е изградбата на сопствената
фотоволтаична централа, која почна да функционира во втората половина лани, и
веќе да носи нов прилив на приходи!
Да видиме што
покажува Билансот на успех. Имено, оперативните приходи лани биле на ниво од
719,5 милиони евра, што е намалување за 10 проценти.
Притоа, од
домашниот пазар ОКТА преку продажба на своите нафтени деривати успеала на
инкасира 496 милиони евра, додека, пак, од продажби на странски пазари, каде
што всушност влегува косовскиот, остварени се приходи од 224 милиони евра. И во
двата случаја има намалување на приходите за по 10 проценти.
Од компанијата во своето образложение околу
намалувањето на приходите од продажбата, велат дека причини за тоа биле
намалената побарувачка за мазут, намалените тендери за државните резерви, но и
зголемената конкуренција што ја имале на косовскиот пазар.
„Приходите
од продажба изнесуваа 44.247 милиони денари во 2024 (719,5 милиони евра – н.з.), што е
резултат на пониските остварени продажби на двата пазари. Приходите од продажба
во четвртиот квартал 2024 година изнесуваа 9.673 милиони денари, 25 пониски пониски од оние во истиот
период минатата година. Бруто-маржата во 2024 година изнесуваше 1.158 милиони
денари, намалени во споредба со истиот период минатата година, како резултат на
намалената побарувачка за мазут, намалените тендери за државни резерви и
зголемената конкуренција од Албанија на косовскиот пазар. И покрај тоа, во
четвртиот квартал 2024 година, брутомаржата значително порасна на 282 милиони
денари, во споредба со 36-те милиони денари остварени во истиот период минатата
година, пред сè поради флуктуациите на меѓународните цени на горивата“, објаснуваатод компанијата.
Сето ова, како
што велат од ОКТА, се должи на фактот што лани глобалниот пазар на
деривати претрпи значителни флуктуации на цените поттикнати од геополитичките
тензии и макроекономските притисоци. Имено, во првата половина од годината, цените на горивата забележаа
нагорен тренд поради зголемената побарувачка и загриженоста од прекини во
снабдувањето, особено поради тоа што санкциите кон Русија продолжија да го
обликуваат глобалниот трговски тек на нафтата, но во втората половина почнаа да паѓаат, бидејќи зголеменото производство и економското
забавување на клучните пазари ја ублажија побарувачката. Тековните конфликти на
Блискиот Исток беа причина за дополнителна неизвесност, влијаејќи на рутите за
снабдување и состојбата на пазарот,
па ваквата динамика придонесе за нестабилно ценовно опкружување во текот
на целата година.
Во образложението
се нагласува и дека и покрај тековните предизвици, ОКТА останала носечки столб во снабдувањето со
деривати на земјата, но и во регионот.
„Дополнително,
ОКТА активно трагаше по нови приливи на приходи преку инвестиции во обновлива
енергија, диверзифицирајќи го својот бизнис и придонесувајќи кон развојот на
поодржлива иднина. Компанијата,
во согласност со своите стратешки приоритети, инвестираше 78 милиони денари во
текот на 2024 година во заокружување на процесот на изградбата на сопствена
фотоволтаична централа од 12 MW, која почна да функционира во втората половина
од годината, создавајќи нов прилив на приходи“, нагласуваат од скопската рафинерија.
Билансот на успех
говори дека останатите оперативни приходи на компанијата се околу половина
милион евра, или прецизно 476 илјади евра, и кај нив има огромен пораст од 86
проценти.
Во образложението
се додава дека компанијата ја задржала својата лидерска позиција на пазарот, заокружувајќи ја годината
со 68 отсто пазарен удел во земјава, како и 32 проценти пазарен удел во Косово.
Трошиоците на продадените производи и услуги, пак,
односно набавната вредност на трговските стоки, лани биле на ниво од 700,6
милиони евра, што е намалување за 10 отсто.
Административните
трошоци биле 3,6 милиони евра и имаат раст за 3 отсто, додека, пак, трошоците
на продажба и маркетинг (дистрибуција), се на ниво од 11,6 милиони евра и се
зголемени за два проценти.
Подетално ако се анализира расходната страна ќе се
види дека услугите со карактер на материјални трошоци изнесувале 1,89 милиони
евра, што е раст за 4 отсто, останатите трошоци од работењето се 2,98 милиони
евра што е раст за 5 отсто, додека трошоците за вработените се 5,49 милиони
евра, и вреди да се истакне дека кај нив има зголемување за 4 проценти.
Или, се на се, рафинеријата остварила оперативна
добивка од 3,84 милиони евра, што е зголемување за 13 отсто, а по пресметката
на финансиските приходи и расходи, добивката пред оданочување достигна 3,87 милиони евра, што е раст за 13 отсто. Тука влијание има и
фактот што во 2023 година беше платен данок на солидарност од 813 илјади евра.
„Добивката пред
оданочување достигна 238 милиони денари (3,87 милиони евра –н.з. ), повисока од истиот период минатата
година, вклучувајќи ги и 50-те милиони денари (813 милиони е вра н.з.) платени како данок на солидарност во 2023 година. Во
четвртиот квартал 2024 година, добивката пред оданочување достигна 87 милиони
денари, што претставува подобрување во однос на четвртиот квартал 2023 година“, се вели во образложението.
А, нето добивката по плаќањето на данокот е 3,54
милиони евра и кај неа има зголемување за 13 проценти.
Во образложението
на финансиските резултати од ОКТА уште и нагласуваат дека лани, во третиот
квартал, компанијата откупи
10 отсто од сопствените
акции, што ја одразува нејзината доверба во долгорочната вредност на бизнисот и
постојана посветеност на подобрување на вредноста за акционерите.
Н.Н.Ф.