
Бизнисмен од Брвеница прв ќе прави струја во индустриските зони
АЕ Солар Инвест доби привремена лиценца за производство на електрична енергија од фотонапонска централа од Регулаторната комисија за енергетика која ќе биде прва што ќе се изгради во некоја од индустриските зони во земјата и при тоа струјата ќе може да се продава на слободниот пазар.
Фирмата која е регистрирана лани во Тетово, потоа го поднела барањето за лиценца на 13 септември 2022. АЕ Солар Инвест е во сопственост на Ариан Етеми од Брвеница и треба да започне со производство на електрична енергија од оваа година, а непознато останува дали продажбата ќе биде наменета претежно за инвестициите од зоната.
Производителот имал и решение издадено од Министерство за економија.од кое има издадено и позитивно мислење до Регулаторот. Фотоцентралата од 1 мегават ќе се гради на објектот на фабриката на Глас Флекс во технолошко индустриската развојна зона во Тетово.
Спорно било тоа што АЕ Солар Инвест нема договор со основачот на технолошката индустриска развојна зона и можноста да се користат бенефициите што ги нуди ТИРЗ. Сепак од Нормак АД; управителот на зоната, испратиле мислење дека немаат против Солар Инвест да инсталира фотонапонска централа.
„Регулаторната комисија за енергетика утврди дека поднесеното Барање е потполно и согласно член 10, став (1) од Правилникот за лиценци изготви предлог – одлука за издавање на привремена лиценца за вршење на енергетска дејност производство на електрична енергија. Предлог – одлуката, согласно Решение за свикување на подготвителна седница бр.02-544/1 од 15 март 2023 година, беше предмет на расправа на подготвителната седница која се одржа на 17 март 2023 година. На подготвителната седница немаше забелешки по предлог – одлуката од страна на присутните“, објави РКЕ која потоа издала привремена лиценца за АЕ Солар Инвест.
Инаку компаниите од индустриските зони, пред се оние од автомобилската индустрија, лани бараа да можат да инсталираат сопствено производство на електрична енергија во индустриските зони. Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство бараше поедноставување на процедурите за поставување фотоволтаици на објектите – да нема лимит на големината на инсталацијата на фотоволтаиците на кровните конструкции на објектите, а истовремено да се дозволи можност за продажба на вишоците на струја на слободниот пазар, посебно за компаниите во Технолошко индустриските развојни зони.
Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ) најави дека ќе склучи договор со компанија која ќе гo интегрира производството на електрична енергија од инвеститорите во индустриските зони и ќе ги продава вишоците на струја, а при тоа ќе ги гради и фотонапонските централи.
АЕ Солар Инвест има слично име како и најавената германска инвестиција АЕ Солар АД Тетово во ТИРЗ Тетово во која еден од сопствениците е Пиксел, компанија во која свој удел имаше и Димитар Ковачевски пред да биде премиер, односно заменик-министер претходно.
ТИРЗ Тетово е единствена економска зона која работи на принципот на јавно-приватно партнерство. Со зоната менаџира Компанијата „НОРМАК инвестинг груп“, и според изградените капацитети и бројот на вработените во зоната, таа сега е најголемиот работодавец во Полошкиот Регион. На почетокот од 2022 беше најавено дека таа ќе прерасне во зелена зона, односно самата ќе произведува електрична енергија од обновливи извори.
„Веќе сме при крај со сите подготовки ТИРЗ Тетово да стане првата зелена зона не само на ниво на регионот туку и на ниво на државата, каде ќе почнат дополнителни инвестиции во делот на нови капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори. Таа електрична енергија ќе се користи како за потребите на компаниите кои работат во зоната, така и за другите компании вон неа. ТИРЗ Тетово е единствената ваква индустриска зона во државата која работи на принципот на јавно-приватно партнерство. Ваквиот начин на работа ги дава очекуваните резултати и може да се користи како модел и во другите региони и градови од државата. Изградбата на фотонапонската електрична централа ќе се направи од страна на приватниот инвеститор, а ние како Влада, за да ги поттикнеме и стимулираме сите наши домашни но и странски компании да инвестираат во обновливи извори, ќе им излеземе во пресрет со постоечките механизми“, изјави тогаш министерот за економија Крешник Бектеши.
A.K.
