
Битиќи со предупредување до трговците: Ако сами не реагирате за цените, ние ќе донесеме одлука
Очигледно така сме навикнати во нашето општество, секогаш го чекаме последниот ден, дури и кога е за добра работа. Мислам дека го чекаат последниот ден, но утре наутро ќе ги видиме цените, изјави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи одговарајќи дали е послушана одлуката на Владата за намалување на цената на млекото и млечните производи во продавниците која треба да се применува од 16 март.
Битиќи рече дека анализата на движењата на пазарот покажува дека со завршување на грејната сезона во Европа, и цените на берзата почнале да паѓаат речиси за сите прехранбени производи затоа што, рече, очигледно справувањето со економската криза и кризата со храна во цела Европа беше успешна операција и резултатите се веќе видливи.
„Ако основните суровини паѓаат, не може цените да останат исти. Цените ќе треба да паѓаат. Како што ги презедовме мерките за основните прехранбени производи – леб, тестенини, млеко и млечни производи, навестивме низа други продукти, ќе ги следиме и другите производи, и ако трговците и производителите сами не реагираат – има јасна порака од Владата: граѓаните нема да ги оставиме сами и ќе донесеме одлука во интерес на граѓаните“, порача Битиќи.