
Бислимовски: После Србија, имаме најниска цена на струјата за домаќинствата во Европа
Со воведувањето на дневната евтина тарифа, ќе имаме најниска цена на струјата во Европа, изјави претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски.
Тој вечерва рече дека поради технички проблеми, дневната евтина тарифа на струјата ќе почне од 1 декември.
Цената на електричната енергија во 2024 година ќе биде 160 евра за мегават час. Годинава во март беше 120 – 130 евра, во април 110 – 120 евра, исто беше и во мај, јуни и јули, но останува да се види како ќе биде во останатиот дел од годината.
„Имаше технички проблеми за кои треба време да се надминат. Операторот сакаше евтината тарифа да почне од 1 јули следната година, но успеавме да се разбереме и да се договориме да почне од 1 декември. Ова е најрано кога можеше да почне евтината тарифа. Евтината тарифа ќе значи и пет отсто линерано налмалување на цената на електриччната енергија“, истакна Бислимоски во интервју за Канал 5 телевизија.
Во регионот, освен во еден дел на БиХ, во ниту една земја не постои евтина тарифа, а нема ниту во Европа.
„Инаку, после Србија, имаме најниска цена на струјата за домаќинствата во Европа. Всушност, цената на струјата за домаќинствата во Македонија е најниска, освен во Србија, а со воведувањето на евтината тарифа, мислам дека ќе имаме најниска цена на електрична енергија во Европа“, кажа претседателот на РКЕ.
Тој повтори дека струјомерите ќе се заменат со пософистицирани, т.н. смарт броила.
Но, од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека од 2017 година наваму, струјата поскапе за 50 отсто. Според нив, сметката која досега чинела 5.500 денари, сега ќе чини над 6.000 денари.
