
Бината поставена на плоштадот „Скендербег“, почнува протестот за поддршка на екс лидерите на ОВК
Бина е поставена на плоштадот „Скендербег“ во Скопје, каде денеска треба да се одржи протест во поддршка на поранешните лидери на ОВК на кои им се суди во Хаг.
Протестот го организираат здруженија произлезени од војната на Ослободителната војска на Косово, по слични собири што веќе се одржаа во Приштина, Хаг, Тирана и Стразбур. Собирот е насочен против судскиот процес што се води против поранешни високи функционери на ОВК, кои од 2020 година се во притвор.
Претседателот на Организацијата на ветерани на ОВК, Хисни Гуцати, изјави дека македонските власти дале дозвола за одржување на протестот и ја презеле одговорноста за безбедноста. Тој додаде дека очекува непречен влез за учесниците кои ќе пристигнуваат од странство.
Поранешниот претседател на Косово Хашим Тачи, поранешните собраниски спикери Јакуп Красниќи и Кадри Весели, како и поранешниот пратеник Реџеп Селими, се обвинети за воени злосторства и злосторства против човештвото, обвиненија кои тие ги отфрлаат.
