
Билјана Ивановска: Сопственикот на Еуроникел треба да врати 50 милиони фунти
Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Билјана Ивановска, вечерва во „Топ Тема“ на Телма рече дека крајниот сопственик на Еуроникел од Кавадарци е осуден во странство правосилно и треба да врати 50 милиони фунти.
Во моментов производителот на никел и една од најголемите компании во Македонија практично нема раководство, поради немање интерес, а работниците протестираат со блокирање на патишта.
– Крајниот сопственик на Фени имаше судска одлука, неконечна, дека сторил кривични дела поврзани со корупција. Требаше да плати околу 50 милиони фунти. Сега судот во Швајцарија донел конечна одлука и споменатиот господин е правосилно осуден, рече првата антикорупционерка во емисијата.
Ова Ивановска го спомена во контекст на случајот што го отвори за судир на интереси за стечајната постапка по која поранешен Фени премина во раце на нов газда.
