Бесплатно возење низ Европа за младите – аплицирајте до 22 април
Младите од Македонија и другите земји на Европската унија повторно имаат можност да добијат бесплатно патување со воз низ Европа. Европската комисија ќе додели повеќе од 40.000 билети за млади луѓе родени помеѓу 1 јули 2007 и 30 јуни 2008 година.
Аплицирањето е можно до 22 април напладне преку Европскиот младински портал. Младите можат да се пријават поединечно или во група од најмногу пет члена, но мора да бидат полнолетни до почетокот на патувањето. Учесниците треба да пополнат краток квиз за општо знаење за Европската унија и да одговорат на едно прашање за оценување.
Победниците ќе можат да патуваат бесплатно со воз од 1 јули 2026 до 30 септември 2027 година, со времетраење на патувањето до 30 дена, од кои максимум седум дена можат да бидат поминати во воз.
Иницијативата DiscoverEU постои од 2018 година и од тогаш повеќе од 1,9 милиони млади луѓе аплицирале, додека околу 431.931 од нив добиле билет. Целта на проектот е младите да откријат различни земји и култури, да стекнат нови искуства и да ја зајакнат европската солидарност.