
Бесими: 100 милиони евра од Светска банка до крај на годината
Министерот за финансии Фатмир Бесими по средбите со челниците на Светска банка во Маракеш, Мароко, објави дека до крајот на годината се очекува кредити од 100 милиони евра од овој меѓународен кредитор.
Министерот ова го соопшти по состанокот со потпретседателката на Светска банка Антонела Басани, извршниот директор на Светска банка Кун Давидсе и директорката на Светската банка за Западен Балкан Шиаочин Ју, во рамки на Годишните средби на ММФ и СБ.
„До крајот на годината очекуваме да се заокружи новата петгодишна програма. Веќе се дефинирани проектите коишто ќе бидат опфатени со оваа програма, а ќе значат одржување на реформскиот процес на патот на пристапување кон ЕУ и обезбедување поодржлив, отпорен и зелен раст.
Дополнително, на средбата, е истакнато дека до крајот на годината се очекува да се одобри и заем за развојни политики од околу 100 милиони долари, насочен кон поддршка на процесот на реформа на јавната администрација, справување со неформалната економија, како и за поддршка на мерките и активностите предвидени со Планот за забрзан економски раст“, вели Бесими.
Парите, како што информира министерот, ќе бидат за фискална консолидација, поотпорна економија и позелен развој.
На средбите одржани со високите претставници на Светска банка присуствуваше и гувернерката на Народната банка на РС Македонија Анита Ангеловска-Бежоска.
Бесими оствари средби и со високи претставници на ММФ, а се очекува да се сретне и со претставници на Банката на Америка, Евопската банка за обнова и развој, Меѓународната финансиска корпорација – ИФЦ и Mеѓународна развојна агенција – ИДА.
