
Бела куќа: САД нема да испраќаат војници да се борат во Украина
САД нема да испраќаат војници да се борат во Украина, објави вечерва Белата куќа, откако францускиот претседател Емануел Макрон во понеделникот го покрена прашањето за можно распоредување на копнени трупи.
„Претседателот Џозеф Бајден беше јасен дека САД нема да испратат војници да се борат во Украина“, изјави портпаролката на Советот за национална безбедност Адриен Вотсон.
Според неа, Бајден верува дека „патот до победата“ ќе оди преку воена помош, која во моментов е блокирана од Конгресот.
И Стејт департментот објави дека е исклучена можноста за испраќање војници во Украина.
Американскиот претседател денеска ги предупреди лидерите на Конгресот на „големи последици“ доколку не биде одобрена финансиска помош за Украина од 60 милијарди долари.
„Што се однесува до Украина, мислам дека тоа е итна потреба“, рече Бајден во Белата куќа, каде што денеска ги прими претставниците од Претставничкиот дом и од Сенатот на Конгресот.
Претседателот на Претставничкиот дом, републиканецот Мајк Џонсон, одбива да го стави текстот на гласање. Текстот претходно беше одобрен во Сенатот.

