
Бектеши: Им се извинувам на новинарите, но горд сум што повеќе нема монопол за гасот
Министерот за економија Крешник Бектеши упати извинување до новинарите, откако на вчерашната прес-конференција неговите одговори алудираа на тоа дека прашањата за снабдувањето со природен гас се нарачани од една енергетска компанија. При тоа, Бекштеши истакна и дека е горд што повеќе, како што вели, нема монополизација во тргувањето со природен гас.
„Извинување до новинарите, горд што во земјата нема повеќе монопол во енергетскиот сектор.
Несомнено е дека новинарите имаат клучна улога во нашето општество, нивниот придонес и работа е многу важен во најефикасното и најтранспарентното функционирање на државните институции.
Но, при нашата транспарентност, при секојдневното соочување со новинарите за прашањата за кои сме и надлежни, може да дојде и до недоразбирања во различни ситуации.
Од ваков карактер беше и вчерашниот случај со новинарката Катерина Капкоска, на која лично и се извинувам доколку без намера ја навредив.
Мојата соработката со сите новинари ќе продолжи и во иднина, имајќи најголема почит кон нив“, вели министерот.
Истовремено тој порача дека нема да подпадне под притисок, посочувајќи го во случајов „Макпетрол“.
„Во однос на Телевизија Телма, имам огромна почит за нивните професионални новинари, но нема да дозволиме преку конфликт на интерес да потпаднеме под притисок на компанијата Макпетрол која се обидува да задржи монопол на пазарот, на штета на граѓаните.
Во спротивно, Горди сме што се либерализираше пазарот на природен гас во државата, одлука која е во интерес на стопанството и на граѓаните, што за жал не е направено од осамостојувањето на државата“, додаде Бектеши.
