
БЕХТЕЛ ЕНКА ОРГАНИЗИРА СРЕДБА СО ГРАДЕЖНАТА ИНДУСТРИЈА ВО СОРАБОТКА СО СТОПАНСКАТА КОМОРА НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ЗА ПРЕТСТАВУВАЊЕ НА ПРЕТСТОЈНИТЕ МОЖНОСТИ НА КОРИДОРИТЕ 8 И 10Д
На 29 април 2025 година, во кампот на
Бехтел ЕНКА во Гостивар, се одржа значајна средба помеѓу менаџментот на
компанијата и домашните компании членки на Здружението на градежнишво при
Стопанската комора на Северна Македонија. Овој настан, организиран во рамки на
соработката помеѓу Бехтел ЕНКА и Стопанската комора, имаше за цел да ја
продлабочи соработката и да овозможи поголема вклученост на домашните градежни
компании во реализацијата на Коридорите 8 и 10д – два од најзначајните
инфраструктурни проекти во земјата и поширокиот регион.
Џош Бејкер, проектен менаџер во Бехтел
ЕНКА, изрази благодарност за конструктивната соработка со Комората и за силниот
интерес од домашните компании. Тој истакна дека моментално околу 60% од
снабдувачите на проектот се локални, како и повеќе од 90% од подизведувачите,
со цел дополнително да се зголеми ова учество. „Со нетрпение очекуваме да
изградиме длабоки и соработувачки партнерства со талентирани домашни компании и
да работиме заедно за постигнување на највисоки стандарди за безбедност и
квалитет,“ изјави Бејкер. Тој додаде дека и покрај почетните доцнења поради
експропријација, градежните активности на делниците Гостивар–Букојчани и
Прилеп–Битола напредуваат стабилно, а делницата Тетово–Гостивар е во фаза на
засилено активирање.
„Повеќе од 35 години, Бехтел ЕНКА успешно
реализира автопатски проекти низ Балканот, благодарение на силната соработка
меѓу нашите директно вработени тимови и подизведувачите, од кои поголемиот дел
се од локалниот пазар во кој работиме. Овој модел на партнерство – изграден врз
тимска работа, взаемно учење и заедничка посветеност – е клучот за нашиот
успех. И на нашиот тековен проект го продолжуваме овој пристап, и веќе гледаме
ветувачки резултати во областите каде што сме вклучиле подизведувачи. Во Бехтел
ЕНКА, ние не ги доделуваме обврските и потоа се повлекуваме; работиме рамо до
рамо со нашите подизведувачи за да обезбедиме безбедност, квалитет и навремена
испорака. Ова обединето залагање е суштинско за постигнување на највисоките
стандарди низ целиот проект“, истакна Џанберк Атила, заменик раководител на
проект – менаџер за изградба и терен.
Крис Хинспетер, бизнис менаџер на
проектот, додаде дека Бехтел ЕНКА е посветена на транспарентност во процесите
за набавка и подизведување. „Сакаме овој процес да биде отворен и достапен.
Колку повеќе локални компании се приклучат, толку посилен ќе биде проектот,“
изјави тој.


Техничките менаџери Озкан Доган
(подизведување), Хакан Билај (земјени работи), Фатих Курт (структури) и Чаглар
Кандемир (карпи и постројки) ги презентираа процедурите и можностите за
регистрација и квалификација на домашните компании, охрабрувајќи ги активно да
аплицираат за наредните можности.
Д-р Јелисавета Георгиева Јовевска
одговорна во Комората за инфраструктура и економски развој ја истакна
подготвеноста и капацитетот на македонските компании во вклучување на овие
значајни инфраструктурни проекти: „Нашите компании имаат децении искуство, и
дома и во странство. Веруваме во заеднички настап – обединување на домашната
експертиза со меѓународни стандарди.“
Стопанската комора на Северна Македонија
ја потврди својата поддршка за своите членки и ги повика сите заинтересирани
компании да ги контактираат за помош и ресурси поврзани со ангажманот на
проектот.

