
Барса го замолила Меси да почека до вторник за да ја добие официјалната понуда!
Меси сака да се врати во Барселона, има желба да продолжи да игра на највисоко ниво во Европа и усно има начелен договор за годишна плата од 13 милиони евра и договор една плус една година, што е ситно во однос на тоа колку заработуваше во ПСЖ (над 40 милиони евра годишно), а колку би добивал во С. Арабија – 400 милиони годишно.
Проблемот е што Барселона официјално нема доставено понуда до Меси, а проблем е што Каталонците ја чекаат писмената потврда од Ла Лига, која начелно им го одобрила физибилити планот за исполнување на финансискиот фер-плеј, но Барса сака писмена гаранција за да не се случи потоа проблем околу регистрацијата како пред две години, кога Меси беше приморан да си оди и замина во ПСЖ, иако имаше договор со Барса.
Од Каталонија на Меси му порачале да почека до вторник и да не избрзува со прифаќање на други понуди, зашто во Барселона веруваат дека дотогаш ќе ја добијат гаранцијата од Ла Лига и ќе може да тргнат во акција за да го вратат својот најдобар фудбалер на сите времиња.

