
Балтичките земји најавија бојкот на состанокот на ОБСЕ во Скопје поради доаѓањето на Лавров
Министрите за надворешни работи на Естонија, Латвија и Литванија денеска соопштија дека нема да присуствуваат на состанокот на Организацијата за европска безбедност и соработка в недела во Скопје поради очекуваното присуство на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.
„Министрите одлучија да не присуствуваат на состанокот, имајќи предвид дека присуството на Лавров ризикува да го легитимира агресорот – Русија, како полноправна членка на нашата заедница на слободни нации“, се наведува во заедничката изјава на министрите на балтичките земји.
И украинските власти денеска најавија дека ќе го бојкотираат состанокот на ОБСЕ во Скопје поради присуството на Лавров.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба ќе го бојкотира министерскиот состанок на ОБСЕ по одлуката да се дозволи учество на Лавров, изјави за AFP портпаролот на украинската дипломатија Олег Николенко.
Најавата доаѓа еден ден откако Бугарија соопшти дека ќе му дозволи на Лавров да лета низ нејзиниот воздушен простор за да патува на состанокот на ОБСЕ во Скопје, и покрај тоа што европските санкции ја погодија Русија поради нејзината инвазија на Украина во февруари 2022 година.
„Овластувањето за дипломатско прелетување е од привремен карактер и спаѓа во исклучоците од режимот на санкциите на Европската унија против него“, се вели во соопштението на бугарското Министерство за надворешни работи.
