
Аврамовски: Судството тоне во формализам и одложени рочишта – добрите пресуди се само „изолирани инциденти“
Наместо напредок, македонското правосудство во последните четири години бележи негативни трендови и стагнација на проблемите кои станаа хронични. Ова е заклучокот на Дарко Аврамовски од Коалицијата „Сите за правично судење“, кој предупредува дека правдата станува сè помалку достапна и разбирлива за јавноста.
Анализирајќи ги податоците од мониторингот, Аврамовски посочува дека системот не ги решава „старите болки“, туку дозволува тие да се продлабочуваат.
Еден од најсериозните проблеми што стагнира со години е високиот процент на одложени рочишта за главна расправа. Оваа практика не само што ја одолговлекува правдата, туку создава и огромни трошоци и недоверба кај граѓаните.
Аврамовски предупредува на една опасна појава – зголемен формализам во постапките. Судовите, обвинителите и адвокатите сè почесто се кријат зад суви процедури, што ја исклучува јавноста од суштината на процесот.
Она што најмногу загрижува, според Коалицијата, е фактот што добрите примери во судството не се резултат на функционален систем.
Со други зборови, ако граѓанинот добие фер и ефикасно судење, тоа е благодарение на личниот интегритет на конкретниот судија, а не затоа што системот гарантира таков стандард за сите.
