
„Aсфалтирање на пет улици и нов мост“: Таравари најави ВИСТИНСКИ инвестициски бум…
Градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари во емисијата „Политица“ на ТВ Глоби најави дека во општина Гостивар во наредниот период ќе има вистински инвестициски бум, каде што најмалку 5 улици и патишта ќе бидат асфалтирани, а ќе продолжат и работите за изградба на канализација и други подземни проекти.
„Во моментов се работи на три патни правци кои се подготвуваат за асфалтираше: Долна Бањица – Горна Бањица; патот Здуње-Дебреше, потоа ја имаме канализацијата Здуње-Дебреше, наскоро ќе започне и целосната реконструкција на улицата од Бензинка пумпа Макпетрол до ресторанот Игнатија.Ќе се преасфалтира улицата Беличица за што сме ја подготвиле документацијата, потоа и асфалтирање на патот до село Куново“, најави Таравари, подвлекувајќи дека за последно има критики од дел од граѓаните дека во селото не живее никој, но појасни дека овој пат се гради со буџет обезбеден од Агенцијата за неразвиени подрачја.
Исто така, како што најави градоначалникот на општина Гостивар, во Мало Турчане се работи на две улици кои се поплочуваат со бетонски плочи, а уште една друга улица се подготвува за асфалтирање.
Таравари рече дека една од трите предвидени катни гаражи веќе почнала да се гради, а најави и почеток на изградба на тениско игралиште.
„Во моментов сме почнале со катни гаражи, каде едната веќе почнала да се гради во близина на спортската сала „Ринија“, а другите две ќе почнат да се градат наскоро. Ќе започнеме и со тениските игралишта кај стадионот , каде што се во тек процедурите. Главните инвестиции се овие и мора да се реализираат“, објасни Арбен Таравари, градоначалник на општина Гостивар.
Тој откри дека општина Гостивар добила грант од 400 илјади евра, со кои пари ќе се гради мост за лицата со посебни потреби. „Вечерва ексклузивно на оваа емисија кажувам дека со општина Витина од Косово добивме грант, каде нам ни следуваат 400 илјади евра.Со тие пари ќе изградиме нов мост на реката Вардар за лицата со посебни потреби. Овој проект беше еден од моите проекти што сакав да бидат реализирани“, нагласи Таравари.
Тој најави дека општина Гостивар од октомври ќе набави нов софтвер за регистрација на имот, со што ќе се остварат повеќе приходи од плаќање данок на имот.
