
Артета донел ново „засилување“ во Арсенал, се вика – Победа! (ФОТО)
Најновото „засилување“ за Арсенал кое го донел Шпанецот е, всушност, чоколаден пес од сортата Лабрадор. Нејзиното име е „Win“, односно Победа, а целта за вдомувањето е јасна: да се исползуваат придобивките кои ги носи чувањето на куче-милениче, особено како група.
Артета убаво се информирал дека милувањето куче може да биде смирувачко, дека го намалува нивото на стрес во телото и го подобрува целокупното расположение. Меѓутоа, уште поважно, Артета сметал дека Победа ќе го крене тимскиот дух и заедништвото на фудбалерите, нешто што ги красеше низ одличната 2022/23 сезна.

Велат дека Победа дури била присутна и на вчерашното потпишување нов договор на Арон Рамсдејл и дека веќе им влегла во срцето на фудбалерите. За неа се грижел економот на клубот, а толку била пријателски настроена, што се здружила дури и со клупскиот мачор, Боб, пишуваат англиските медиуми.
Артета е познат по несекојдневните методи за мотивирање на екипата, како на пример кога донесе сијалица во соблекувалната, со цел да ги мотивира да се поврзат и да си пренесат енергија.
„Томас Едисон ја измислил сијалицата. Но, сијалицата сама по себе не прави ништо, ако не е поврзана. Денеска сакам да видам тим кој е поврзан и кој блеска“, одржа говор тогаш Артета.
