
Арсовска го казни Ѓорѓиевски 90.000 евра – тој вели немала надлежност зошто истурањето на отпадот било во општина Студеничани!
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска го казнила градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски со 90.000 евра за исфрлање на ѓубрето пред портите на „Дрисла“.
На ова денеска на прес конференција реагираше и Ѓорѓиевски кој порача дека неспособноста и агресивноста на градоначалничката кулминирала во последниве 24 часа.
Тој додаде дека може да се забележи дека таа не е кадарна и е неспособна за водење на Градот.
„Ниту си ги знае своите надлежности, ниту пак своите ингеренции и што е најстрашно, според мене, ниту пак знае која е територијата која ја администратира. Имено, знаете по неколку дневно таложење на отпад по улиците секаде во Скопје, вклучувајќи ја и општината Кисела Вода како една од најголемите општини, после претворањето на сите општини и градот Скопје во една голема депонија и неспособноста на градот да се справи со состојбите како такви барајќи изговори и вперувајќи прст во сите освен во себе, како општини со помош на наши колеги ширум Македонија излеговме во пресрет за проблемот кој го создаде Градот, Данела Арсовска и Комуналната Хигиена“, порача Ѓорѓиевски.
Тој вели дека тие всушност го разбудиле градот.
„После нашата активност свика и Кризен штаб. Откако беа наполнети неколку камиони со отпад, отпадот по логика на нештата се упати кон единствената регионална депонија.“, додава Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски пак истакна дека немале друго решение освен истиот да го одложат пред депонијата, a порача и дека Арсовска нема право бидејќи истурањето на отпадот не е под нејзина надлежност туку под општината Студеничани.
