
Армин ван Бурен приреди музички спектакл пред 10.000 посетители во Битола
Битола синоќа беше центарот на музичкото случување во регионот – легендарниот диџеј и продуцент Армин ван Бурен одржа спектакуларен настап пред повеќе од 10.000 посетители на стадионот „Петар Милошевски“.
Настанот, кој е дел од Битолското културно лето БИТ ФЕСТ, донесе продукција на светско ниво и атмосфера која, според многумина, ќе остане врежана како историска вечер за градот. Со ова, Битола за прв пат беше домаќин на А-класа музички артист од светска сцена, што претставува голем чекор напред во културната понуда и туристичката промоција на градот.
Музичкиот спектакл беше организиран од Авалон продукција (Avalon International Booking), со силна поддршка од Општина Битола.
„Битола го заслужува најдоброто – ова е само почеток на нова ера на културни настани со светски сјај во нашиот град“, порачаа организаторите.
Публиката, од сите возрасти, уживаше во сетот на Армин кој неколку часа ја држеше атмосферата на ниво, спојувајќи ја транс музиката со визуелни ефекти и моќна сценографија.