
АНКЕТА НАПРАВЕНА СО МЛАДИ СРБИ: Што мислат за влез во ЕУ и НАТО?
Младите Срби не веруваат во политичките партии. Сакаат влез во ЕУ, но не и во НАТО. Повеќе од 80 отсто од младите во Србија мислат дека политичарите не ги штитат нивните интереси.
Тие не гледаат личност или политичка партија, кои ги штитат нивните интереси, покажуваат резултатите од истражувањето за ставовите на младите во Србија кое го направи Центарот за слободни избори и демократија (ЦеСИД), пренесува Бета. Скоро половина (47 отсто) од младите кои учествувале во истражувањето веруваат во вредноста на демократијата, а бројот на оние кои го поддржуваат влезот на Србија во ЕУ е двојно поголем од оние кои се противат на таа идеја. Идејата за влез во НАТО е помалку популарна и само еден од девет испитаници ја одобрува. Околу 33 отсто од младите се изјасниле дека делумно или целосно се согласуваат со изјавата дека на Србија ѝ е потребен силен лидер кој, без никаков приговор, ќе биде следен од народот.
ЦеСИД го направи истражувањето од 23 август до 10 септември лани на репрезентативен примерок од 1.000 млади луѓе на возраст меѓу 15 и 30 години.
Фото: Jerome Cid / Alamy / Alamy / Profimedia