
Ангелов: Ветерот го смени правецот, затоа вечерва во Скопје мириса од Дрисла
Непријатна миризба вечерва се шири низ повеќе скопски населби, предизвикувајќи вознемиреност кај граѓаните.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, потврди дека причината е промената на правецот на ветерот, кој сега дува директно од депонијата Дрисла кон градот.
Во својата објава, Ангелов информираше дека активностите за затрупување на депонијата со земја се во тек и ќе продолжат во текот на целата ноќ, со цел да се намали ширењето на миризбата.
„Активностите за затрупување ќе бидат дополнително засилени рано наутро“, најави тој.
Овој нов еколошки проблем доаѓа во време кога градот се справува и со последиците од пожарот на дивата депонија Вардариште.
Директорот на ДЗС соопшти дека и за таа локација се планирани повеќе дополнителни активности во текот на утрешниот ден.
„За утре се планирани и повеќе дополнителни активности на дивата депонија Вардариште, за што дополнително ќе информирам утре претпладне“, напиша Ангелов.
