
Ангелов: Пожарот во Трубарево целосно изгаснат, на Дрисла останува мал дел да биде дозатрупан!
Пожарот што деновиве ја зафати депонијата во Трубарево е ставен под целосна контрола. Од Дирекцијата за заштита и спасување информираат дека површината е покриена со песок и земја, а евентуалното чадење што се појави утрово било веднаш изгаснато со специјална пена и дополнително затрупување.
Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, изјави дека на терен остануваат дежурни екипи на Противпожарната бригада на Град Скопје. „Доколку се забележи најмал знак на ново чадење, тие веднаш ќе интервенираат,“ нагласи тој.
Паралелно, состојбата на депонијата Дрисла е значително подобрена. „Остана уште мал дел да биде дозатрупан и очекувам во текот на попладнето и таму целосно да биде затворено местото кое чадеше,“ рече Ангелов.
Со тоа, како што посочуваат надлежните, двата пожари што предизвикаа сериозна загриженост кај граѓаните се во фаза на конечно гаснење.
