
Јаневска не се откажува од предлог-законот за високо образование, вели нема да се повлече, тој е за доброто на сите!
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, од собраниската говорница порача дека нема да го повлече предлог-законот за високо образование, нагласувајќи дека решението е донесено во интерес на студентите и наставно-научниот кадар.
Одговарајќи на прашање од пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, министерката истакна дека за законот сè уште се водат јавни расправи на универзитетите и дека сите засегнати страни можат да ги достават своите забелешки преку системот ЕНЕР.
Јаневска ги отфрли обвинувањата дека со новиот закон се нарушува универзитетската автономија, посочувајќи дека членот 13 од предлогот е токму во насока на нејзино чување, а не за мешање на државата. Таа додаде дека во изработката учествувале над шеесетина професори и дека решението е градено според европски и светски стандарди. Според неа, со законот се подобруваат правата на студентите преку двегодишен мандат во универзитетските тела, се предвидуваат средства за демонстраторите и предност при вработување за најдобрите студенти и оние кои се враќаат од престижни светски универзитети.
Од друга страна, пратеничката Костадиновска-Стојчевска предупреди дека предложените решенија воведуваат поголема државна контрола и не ги решаваат суштинските проблеми како што се одливот на млади кадри и слабата поврзаност со пазарот на труд.
Таа се повика на реакции од академската заедница кои укажуваат на прекумерна централизација и побара повлекување на законот и изработка на сосем ново решение. Министерката Јаневска оцени дека ваквите критики се само флоскули и дека негативните реакции не доаѓаат од мнозинството засегнати страни.
