
Јанев: Институциите со години ги игнорирале безбедносните закани за Пулс
Во воведното обраќање на судењето за трагедијата во „Пулс“, обвинителот Борче Јанев остро ги посочи институциите и обвинетите како дел од долгогодишен синџир на пропусти, игнорирање на опасности и намерно непостапување.
„Не е важно само кој го запалил огнот – важно е и кој имал кофа со вода и не ја истурил,“ започна Јанев, алудирајќи дека трагедијата била последица на целосен системски колапс.
Според обвинителството, доказите покажуваат дека институциите со години ги игнорирале безбедносните закани кои довеле до трагичниот исход.
„Должноста молчела, совеста престанала. Последицата била само прашање на време,“ рече Јанев.
Тој наведе дека локалната самоуправа во Кочани, Дирекцијата за заштита и спасување, МВР, Пазарната инспекција и Министерството за економија сите имале законска обврска да спречат небезбедно работење на клубот – но никој не реагирал.
Обвинителот нагласи дека доказите ќе покажат јасен образец на игнорирање на безбедносните опасности од страна на службени лица.
„Станува збор за административен декор – процедури само на хартија, без вистински контроли,“ рече тој, додавајќи дека инспекциите со години си ја префрлале одговорноста.
2012 – годината кога започнал целиот систем на непостапување
Како клучна точка, обвинителството го истакна октомври 2012 година, кога обвинетиот сопственик Дејан Јованов решил магацин за текстил да го претвори во дискотека.
Иако урбанистичкиот план не дозволувал таква дејност, Јованов набрзо, со помош на службени лица, успеал да добие лиценца.
Проектната документација, според обвинителството, била незаконска, изработена без почитување на законот за градење и без каква било безбедносна вредносна анализа.
„Кабарето никогаш не постоело во реалност – тоа беше параван,“ посочи обвинителот.
Во првата фаза институциите реагирале: во ноември 2012 година Министерството за економија ја одбило лиценцата.
Но за само две недели, преку пренасочување на контролата кон друг инспектор и со лажен записник, клубот повторно добил дозвола.
Лиценцата била потпишана од тогашниот министер за економија Валон Сараќини.
