
Андоновски: Ако не станеме подобри внатре, отворањето на преговорите ќе значи иселување на нова бројка на луѓе
Меѓународниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ во денешното гостување во емисијата Детектор на ТВ Сител, истакна дека со внесувањето на Бугарите во Уставот нема да се стави крај на проблемите и барањата од Бугарија.
„Јас не сум сигурен дека со промената на Уставот ќе се затвори прашањето со Бугарија. Напротив, ќе се даде легитимитет на барањата на Бугарија. Видовме коментари од нивните највисоки функционери, тоа е претседателот Румен Радев кој што има најголема поддршка во бугарското општество за жал, дека тој може да бара заштита на бугарското малцинство во Македонија од репресијата на македонските власти. И сега што ќе се случи ако утре се менува Уставот, Бугарите од Македонија влегуваат во тој Устав, за три месеци од денеска Румен Радев излезе и каже дека заради некој Христијан Пендиков 2 некој случај во Битола, ние сметаме дека треба да запрат преговорите, затоа што вие систематски не ги почитувате правата на Бугарите во Македонија, што правиме тогаш, праша Андоновски.
Андоновски вели дека Македонија за жал последните години е најслабиот ученик во одделението и затоа сите од околу имаат некакви желби и побарувања кои што се надвор од овие реформски пакет кој што треба да го испорачате пред ЕУ, но првенствено пред граѓаните. Решението го гледа во внатрешни реформи.
„Ние мораме да станеме подобри внатре. Затоа што ако не станеме подобри внатре тогаш отворањето на преговорите или продолжувањето на преговорите ќе значи иселување на нова бројка на луѓе. Јас никогаш не можам да се согласам дека промената на името или промената на Уставот ќе значи намалување на иселувањето од Македонија. Само вистински економски можности и за млади и за сите категории на граѓани, добри образовни услуги, добро здравство, здрава животна средина ќе значат македонските граѓани да сакаат да останат во Македонија“, додаде Андоновски.
