
Алиу: Здравјето нема цена – Законот за пушење нема да ги затвори бизнисите, туку ќе ја зголеми продуктивноста
Министерот за здравство, Азир Алиу, денеска испрати јасна порака дека новиот Закон за заштита од пушењето, кој треба да стапи на сила на 1 март, е во насока на заштита на јавното здравје и нема да му наштети на угостителскиот сектор. Според него, сопствениците на локали имаат доволно време да ја прилагодат својата инфраструктура за да ги задоволат потребите на пушачите без да ги прекршат новите правила.
Алиу појасни дека законот не воведува тотална забрана, туку стриктно дефинира каде е дозволено пушењето. Кафулињата и рестораните ќе можат да послужуваат пушачи на тераси кои се отворени од три страни.
„Ако им е битно за бизнисот, локалите можат да направат таков тип на инфраструктура. Од економска гледна точка не очекуваме загуби, бидејќи нездравото население му штети на бизнисот многу повеќе. Анализите покажуваат дека лицата со зависности се помалку продуктивни на своите работни места“, истакна министерот.
Новите правила ќе бидат особено строги за јавните институции. Пушењето нема да биде дозволено пред влезовите на Клиничкиот центар, училиштата, градинките и министерствата. Алиу додаде дека дури и во рамките на болничките комплекси, бизнисите што нудат кафе и храна ќе мора да обезбедат соодветни отворени простори доколку сакаат да им дозволат на клиентите да пушат.
Министерството за здравство од утре започнува интензивни средби со сите инспекторати за да се утврди дали е потребен дополнителен кадар за контрола на терен. Алиу беше дециден дека нема да се дозволат „хибридни“ закони кои би биле нефункционални.
„Ве уверувам дека ќе креираме политики според европски стандарди. Од 1 март, во јавниот транспорт и во заедничките простории ќе дишеме чист воздух без никотин. Подготвуваме прецизни правилници кои ќе бидат јавно достапни за сите бизниси да можат навреме да се прилагодат“, заклучи Алиу.
