
АЛБИН КУРТИ ЗА ДЕНЕШНИОТ ВОЕН ПРИКАЗ ВО БАТАЈНЦА – телата можат да се скријат, но вистината не може да се закопа
Косовскиот премиер Албин Курти реагираше на денешното воено прикажување на можностите на војската на Србија што се одржа во Батајница.
Тој на својот Твитер профил напиша дека наместо спомен обележје на местото на масовната гробница, Србија одржува воени вежби во Батајница.
„Во масовната гробница во Батајница беа скриени телата на 744 косовски Албанци, меѓу кои и 46 членови на семејството Бериша. Наместо споменик на воените жртви, Србија таму одржува воени вежби за „Денот на вооружените сили“. Телата може да се сокријат, но вистината не може да се закопа“, напиша тој.
Денеска во Батајница се одржа воен приказ на способностите наречена Гранит 2023, на која присуствуваа државниот врв на Србија и гости од Унгарија и Република Српска, премиерот на Унгарија Виктор Орбан и претседателот на РС Милорад Додик.

