
Ахмети порача: Протестот не е против Македонија, нашата војска не беше против ниту еден народ
Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, на протестот што се одржа во Скопје во поддршка на поранешните лидери на ОВК, изјави дека судскиот процес во Хаг треба да заврши со ослободителна пресуда, бидејќи, како што рече, „сите оние што се зад решетки се обвинети за дела што не ги сториле“.
Ахмети нагласи дека ОВК не била насочена против ниту еден народ, ниту пак им ја негирала слободата на другите, туку се борела за слободата на својот народ.
„Ние ја посакувавме слободата, но не со одземање на слободата на другите народи. Нашата војска не беше против ниту еден народ, ниту против српскиот народ. Денешниот протест не е насочен против државата Македонија, бидејќи луѓето што денес се наоѓаат пред овој суд придонеле за стабилноста и мирот, за иднината на оваа држава. Тие биле раководители на важни институции – претседатели, премиери, претседатели на парламентот – и со десетици и стотици договори дале свој придонес за понапредна Македонија, која не се плаши од ОВК и од луѓе со рани на телото. Тие не се бореле против ниту еден народ“, изјави Ахмети.

