
„63 ангели“: Меѓународен карате-турнир во чест на жртвите од пожарот во Кочани
Кочани ќе биде домаќин на меѓународен карате-турнир посветен на жртвите од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ од 16 март 2025 година. Иницијативата е преземена од карате-клубот „Партизан“, а денеска претставниците на клубот остварија средба со градоначалникот Владко Грозданов, кој ја изрази целосната поддршка на настанот.
Според најавите, турнирот ќе се одржи на 28 февруари под симболичниот назив „63 ангели“. Настанот ќе има хуманитарен карактер, а средствата собрани од котизацијата на учесниците ќе бидат наменети за лекување на повредените од пожарот.
Се очекува на турнирот да учествуваат екипи од земјите од Балканот и Европа, што ќе му даде меѓународна димензија и ќе пренесе порака за солидарност и заедништво.
Градоначалникот Грозданов истакна дека ваквите иницијативи имаат особено значење за градот и семејствата погодени од трагедијата.
„Ова е достоинствен начин да им се оддаде почит на загинатите и да им се помогне на повредените. Општина Кочани ќе даде поддршка на турнирот ‘63 ангели’, кој носи порака на хуманост, спортски дух и заедништво“, соопшти градоначалникот.
Организаторите најавуваат дека во наредниот период ќе објават дополнителни информации за програмата и учеството на екипите.
