
30 дневен притвор за затворскиот полицаец фатен со дрога!
Затворски полицаец од КПУ-КПД Идризово е приведен и му е определена мерка притвор од 30 дена, откако кај него биле пронајдени значителни количини дрога. Основното јавно обвинителство, преку Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција, отвори истрага за кривично дело – неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги.
При претрес извршен пред почетокот на неговата ноќна смена, полицаецот бил фатен како во долниот веш држи дрога спакувана во форма на две тениски топчиња. Станува збор за 73 грама марихуана и 50 грама кокаин, кои според обвинителството биле наменети за препродажба на осудени лица во затворот Идризово.
Обвинителот побара притвор со образложение дека постои реална опасност осомничениот да избега, да влијае врз сведоци или да го повтори делото доколку се брани од слобода. Судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје го прифати предлогот и определи мерка притвор од 30 дена.
Ова е трет ваков случај во кој затворски полицаец е фатен со дрога. Во претходните случаи, полицаец од КПУ Затвор Скопје беше правосилно осуден на три години затвор за 7,65 грама марихуана и 0,96 грама кокаин, додека друг од КПУ-КПД Битола доби шестмесечна затворска казна за поседување 1,90 грама кокаин – пресуда која сè уште е во жалбена постапка.
Овие случаи повторно го отвораат прашањето за корупцијата и надзорот во затворските установи, особено во контекст на злоупотреба на службената положба од лица задолжени за безбедноста на казнено-поправните домови.
