
25-ГОДИШНИК ЛИШЕН ОД СЛОБОДА ПО БРУТАЛНО УБИСТВО ВО ЧЕЛОПЕК Истражителите проверуваат врска со други слични случаи во кумановско

Јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово поднесе наредба за спроведување истражна постапка против 25-годишник за кривично дело убиство, откако тој, според истрагата, на свиреп и подмолен начин ја лишил од живот 75-годишната жена родена во 1947 година.
Според Обвинителството, осомничениот ја искористил околноста што жртвата живеела сама, била стара и немоќна.
– Кога влегол во куќата на оштетената, која спиела на креветот, осомничениот физички ја нападнал, нанесувајќи ѝ повеќе удари од кои жената починала – соопштија од ОЈО Куманово.
Истражните органи во координација со МВР и Институтот за судска медицина обезбедиле докази кои упатуваат дека случајот може да има врска со неколку други слични убиства во кумановско.
– Заради сличностите во изборот на жртвата и суровиот начин на извршување на делото, испитуваме дали и во тие случаи станува збор за ист сторител – велат од Обвинителството.
За една од потенцијалните жртви вчера беше извршена ексхумација и обдукција. Од телото на починатата жена се подигнати траги и ДНК кои сега се вештачат. Истражните органи исто така спроведуваат сложени вештачења и анализи, како и други дејствија за обезбедување докази, кои во моментов не можат да се споделат со јавноста поради тајноста на постапката.
– Осомничениот веднаш е лишен од слобода и од страна на јавниот обвинител му е определен притвор. Наредено е и психијатриско вештачење од страна на тим форензички психијатри од Институтот за психијатрија во Скопје – изјавија од Обвинителството.
Според првичните информации, истрагата е во тек и се очекува да даде одговор дали 25-годишникот е поврзан со други слични убиствени случаи во регионот.
.
