
24-годишна девојка од Скопје и 52 годишен маж од Кочани се жртвите од несреќата на патот Штип – Кочани
24-годишната Н.П. од Скопје и 52-годишниот Г.А. од Кочани се жртвите од вчерашната сообраќајна несреќа што се случи на патот Штип – Кочани.
Според информациите, во несреќата учествувале три возила – „голф“ со кочански, „ситроен“ со винички и „сеат ибица“ со скопски регистерски таблички, а жртвите биле сопатници во возилата „сеат ибица“ и „голф“.
Во несреќата повредени се и 5 лица, од кои тројца се во штипската Клиничка болница, а двајца поради сериозноста на повредите, пренесени се на клиника во Скопје.
Јавен обвинител од ОЈО Кочани изврши увид на лице место, а издадени се повеќе наредби за утврдување на причините за несреќата.
На увидот присуствуваше и вешто лице од областа на сообраќајот, а според првичните сознанија до несреќата дошло при претекнување.
„Издадена е наредба за прибирање траги од лице место, за обдукција на телата на починатите, наредба за испитување на примероци од крв и урина од учесниците во несреќата, а ќе биде наредено и сообраќајно-техничко вештачење“, се вели во вчерашното соопштение од обвинителството.
