
17 години стар европски бизон угина во Зоолошката градина Скопје
Со голема тага, Зоолошката градина Скопје ја соопшти веста дека нивниот европски бизон, кој имаше 17 години, утрово починал.
Животниот век на овие величествени животни се движи од 14 до 20 години, а оваа редка и импресивна животинска врста беше еден од најпознатите жители на зоолошката градина од 2011 година.
Пред околу година и половина кај бизонот беше дијагностицирана пневмонија, по што следеше долготраен процес на терапија и внимателно следење од страна на ветеринарите и негувателите. Иако со многу посветеност неговата состојба беше стабилизирана, во изминатите две недели повторно се појавија знаци на слабост и отежнато дишење.
Веднаш беше воведена интензивна секојдневна антибиотска терапија според антибиограм, како и постојан надзор, но за жал, и покрај сите напори на тимот, животот на бизонот не можеше да биде спасен.
Зоолошката градина Скопје изразува голема жал и се заблагодарува на сите кои ја следеа приказната на овој величествен европски бизон.
