
1.725 случаи на грип во првата недела од 2026 година – најмногу случаи во Скопје, Тетово и Куманово
Во првата недела од 2026 година во земјава се регистрирани 1.725 случаи на грип или заболувања слични на грип, што претставува зголемување од 2,2 пати во однос на претходната недела, информира директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска.
Според податоците на ИЈЗ, најголем број заболени се лица на возраст од 15 до 64 години (749), следени од деца на возраст од 5 до 14 години (618), деца до 4 години (229) и лица над 65 години (129). Најмногу случаи се пријавени во Скопје, Тетово и Куманово.
Андоновска потсети на важноста од придржување кон превентивните мерки за да се намали ширењето на вирусот. Таа препорача избегнување масовни собири и престој во затворени простории со голема концентрација на луѓе, редовно миење на рацете, проветрување на просториите, како и внес на доволно течности и лесна исхрана.
Лицата кои имаат симптоми на грип треба да останат во домашни услови и да се консултираат со матичен лекар, додека родителите се повикани да не ги упатуваат децата со симптоми во училиште или градинка.
Пикот на сезонскиот грип, како што посочи директорката на ИЈЗ, се очекува по завршувањето на зимскиот распуст и со почетокот на второто полугодие во училиштата.
