
Зошто Швајцарија повеќе не е даночен рај?
Швајцарија ја зголеми деловната стапка на 15 отсто.
Швајцарските гласачи го одобрија воведувањето на глобален минимален данок за компаниите и закон за климата што има за цел да ја намали употребата на фосилни горива и да постигне нула емисии до 2050-та година, објави јавниот радиодифузен сервис „SRF“, цитиран од „Reuters“. Скоро 80 отсто од оние што гласаа на националниот референдум на 18 јуни го поддржаа зголемувањето на деловниот данок на земјата на глобалната минимална стапка од 15 отсто од сегашниот просечен минимум од 11 отсто.
„Ова гарантира дека Швајцарија нема да изгуби никакви даночни приходи за странските земји. Ова ќе создаде и правна сигурност и стабилна рамка“, рече министерката за финансии Карин Келер-Зутер.
Пред две години, Швајцарија им се придружи на речиси 140 земји кои потпишаа договор на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) за утврдување минимална даночна стапка за големите компании. Овој потег има за цел да ја спречи практиката на префрлање на профитот во држави со низок данок.
Министрите за финансии на земјите од ЕУ во 2019 година се договорија да ги тргнат Швајцарија и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) од листата на земји што важат за „даночен рај“.
foto freepik.com/kavalenkava

