
Запленети обврзници од 92 милиони долари на скопскиот аеродром
Царинската управа на меѓународниот аеродром во Петровец запленила 184 обврзници со поединечна номинална вредност од 500.000 долари, или вкупна вредност од 92 милиони долари.
Обврзниците се пронајдени кај турски државјанин, кој допатувал со редовен лет од Истанбул. Тие биле пронајдени во четири папки во црна рачна торба, а патникот се обидел да помине на тн. зелен коридор, односно дека нема стока за пријавување.
„Секторот за контрла и истраги, веднаш започна со истрага, односно извршени се службени разговори, прибирање дополнителни докази, како и известување и консултации со релевантни и национални и меѓународни институции вклучително ИНТЕРПОЛ и СЕЛЕК. Согласно одредбите на законот за царинска управа и законот за прекршоци, Царинската управа поднесе соодветна кривична пријава. Следствено на тоа по завршената судска постапка, денес, Основниот суд Скопје донесе пресуда со која се одземени обврзниците, а на лицето му е изречена парична глоба, врз основа на Законот за девизно работење“, вели Стефан Богоев.