ЗАПЛЕНЕТИ 2 ТОНА НЕБЕЗБЕДНА ХРАНА НА ПАЗАРОТ ВО ЧЕНТО Се продавала на недозволени места и во нехигиенски услови
Околу 2 тона небезбедна храна се запленети денеска на зелениот пазар во скопската населба Ченто. Инспекторите откриле дека производите се продавале на недозволени места, во нехигиенски услови што претставуваат ризик за здравјето на потрошувачите.
Вонредната контрола ја спровела Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), во соработка со Комуналната инспекција на Град Скопје и Државниот пазарен инспекторат.
Инспекторите ги проверувале условите за продажба, складирање и чување на храната, како и почитувањето на законските прописи.
„При контролата беше утврдено дека храната се продавала надвор од местата предвидени за таа намена во рамки на пазарот, во нехигиенски услови“, соопшти АХВ.
Запленетите 2 тона храна од различен вид се отстранети од промет. Надлежните инспекциски служби ќе продолжат со преземање мерки во согласност со законските овластувања.
Агенцијата најави засилени инспекциски контроли, самостојно и во соработка со другите надлежни институции.
АХВ ги повика трговците со храна да ги почитуваат законските обврски и да обезбедат соодветни хигиенски услови при нејзиното чување и продажба.
.
Извор: plusinfo.mk