
ЗА ПОВЕЌЕТО ОВА Е НЕВОЗМОЖНА МИСИЈА: Само една земја во светот произведува доволно храна за своите потреби
Само една земја во светот произведува доволно храна за сопствените потреби.
Истражувачи од Универзитетот во Гетинген во Германија и Универзитетот во Единбург анализирале податоци за производството на храна од 186 држави. Резултатите покажале дека Гвајана е единствената земја што може да биде целосно самоодржлива во сите седум клучни групи на храна на кои се фокусирало истражувањето.
Кина и Виетнам се на второ место, произведувајќи доволно храна за да ги задоволат потребите на своето население во шест од седумте категории.
Само една од седум земји ја исполнува квотата во пет или повеќе категории на храна, а над една третина се самоодржливи во само две или помалку групи.
Шест земји: Авганистан, Обединетите Арапски Емирати, Ирак, Макао, Катар и Јемен, не се во можност да ги задоволат потребите на своето население во која било група на храна. За да ги пополнат празнините и да ги задоволат нутритивните потреби на своето население, повеќето земји се потпираат на трговијата. Сепак, многу земји сè уште зависат од трговските партнери за повеќе од половина од нивниот увоз, што ги прави особено ранливи на пазарни шокови.
Градењето отпорни синџири на снабдување со храна е императив за обезбедување на јавното здравје, се заклучува во истражувањето, кое е објавено во списанието Nature Food, пренесува РТС.
foto freepik.com