
Вучиќ: Се наоѓаме на крстопат, дали и понатаму ќе имаме мир или не?
Се плашам дека го преминавме Рубикон, Курти по секоја цена сака да предизвика војна, вели српскиот претседател Александар Вучиќ.
Говорејќи за денешното апсење на тројца вооружени припадници на косовската полиција, Вучиќ презентираше два доказа според кои „косовските полицајци се уапсени на 1,8 километри длабоко на територијата на Србија“. Вели дека има доказ „дека тие не побарале дозвола, ниту го информирале КФОР да одат на административната граница, како што е досегашното правило“.
„Се наоѓаме на крстопат. Дали и понатаму ќе имаме мир или не, бидејќи Курти сака по секоја цена да предизвика војна, се плашам дека го преминавме Рубикон и дека тешко ќе се вратиме во реалноста“, изјави вечерва српскиот претседател Александар Вучиќ во гостувањето на дневникот на РТС, јави дописникот на МИА од Белград.
Тој потсети на бројни апсења и на шест повредени Срби во Косово, оценувајќи дека „целата криза започнала оној момент кога некој одлучил да се оди на избори за кои се знае дека се целосно нелегитимни.“
„Се води истрага. Тие не биле тепани, ниту малтретирани, ниту обезличени, што им се случува на Србите кога ќе бидат уапсени од полицијата на Курти. При апсењето било земено предвид и нивното достоинство“, рече Вучиќ.
Инаку, Косово тврди дека овие нивни специјалци се киднапирани. Тие бараат реакција од меѓународната заедница.