
Вработени во Телеком се жалат на тарабуки и силни звучници кај Камениот Мост
Вработени во Македонски Телеком испратија официјално обраќање до повеќе институции, реагирајќи на секојдневната и продолжена бучава од улични изведувачи кај Камениот Мост во Скопје, која, како што наведуваат, сериозно го нарушува работниот процес на нивните вработени, како и на останатите институции во околината.
Во дописот, Телеком наведува дека луѓе со „тарабуки и силни звучници“ секојдневно, од 11 до 18 часот, создаваат неснослива бучава која вознемирува деловни субјекти и институции како Археолошкиот музеј и други околни организации. Компанијата ги повикува надлежните да излезат на терен и да се уверат во ситуацијата.
Сепак, одговорот од институциите досега не донесе конкретно решение:
Од Министерството за животна средина сугерираат дека за ваков тип на вознемирување треба да биде известено Министерството за внатрешни работи.
Од Македонското здружение за заштита при работа упатуваат на Законот за безбедност и здравје при работа, посочувајќи дека работодавачот има законска обврска да обезбеди соодветна работна средина, вклучително и заштита од надворешни фактори кои предизвикуваат психофизички стрес.
Во забелешката на Телеком се додава дека биле известени и Општина Центар, Град Скопје, како и Центарот за социјални работи, инспекциски служби, па дури и министерства како оние за труд и локална самоуправа, но досега без јасна координација и одговорност.