
ВОЗАЧОТ МОРА ДА ПРОЦЕНИ ДАЛИ ЌЕ ЈА ЗАТНЕ РАСКРСНИЦАТА За тој прекршок е предвидена посебна казна

Возачите треба да проценат дали да поминат на зелено светло ако видат дека со тоа ќе ја блокираат крстосницата, бидејќи улицата пред нив е веќе полна со возила.
На ова предупреди министерот Панче Тошковски синоќа во гостување на ТВ21 затворајќи ги дилемите на некои граѓани што ако поминат на зелено светло на семафор, но поради гужва се најдат среде крстосница, и дали за тоа ќе бидат казнети.
Таквите случаи ќе бидат третирани како прекршок, но не како поминување на црвено, туку како забавување на сообраќајот на крстосница.
– Тој сообраќаен прекршок има друг третман. Нема да има третман поминување на црвено, туку забавување или отежнување на движење во рамки на крстосница, кој е посебно дефиниран, и мислам дека казната беше 45 евра. Значи возачот мора да направи проценка дека сообраќајот ќе се закочи ако помине на зелено светло, и ќе мора да застане. Имаше во тест периодот и такви ситуации, и камерите ве идентификуваат како да сте поминале на црвено, и покрај тоа што сте влегле на зелено. Но, сето тоа го отстранивме, и тој прекршок нема да биде констатиран како поминување на црвено, туку како угушување на крстосница – рече Тошковски.
Тој додаде дека во Скопје во фаза на имплементација е паметен зелен бран.
– Со неговата целосна имплементарција, проточноста на сообраќајот треба да се зголеми, односно да имаме околу 30% побрза проточност на возила. Станува збор за систем со кој ќе бидат опфатени сите булевари во Скопје, со што и тоа како ќе се подобри проточноста на возилата. Интензивно се работи на имплементирање на ова решение – рече Тошковски, дополнувајќи дека истражувањата за тајмерите на семафорите и искуствата покажале дека тие се повеќе штетни отколку корисни.
.
