
ВОЈНА ВО УКРАИНА Регионален гувернер: Десетици ранети во руски напад врз Керсон
Денеска е 591-от ден од војната во Украина. Вчера Украинците објавија дека Русија го нападнала регионот Одеса со суперсонични противбродски ракети Оникс, додека Русите тврдеа дека Украина се обидела да го нападне Крим со ракетниот комплекс С-200. Во меѓувреме, меѓународната помош за Украина останува во фокусот, а британски „Телеграф“ пишува дека американскиот претседател Џозеф Бајден ќе побара од Конгресот најголем пакет воена и хуманитарна поддршка во износ од 100 милијарди долари.
Десетици луѓе се ранети, меѓу кои 27-годишна жена и нејзиното деветмесечно бебе, во руски напад врз јужниот украински регион Керсон, соопшти денеска гувернерот на тој регион Олександар Прокудин.
Тој на апликацијата Телеграм изјави дека во нападот бил ранет и лекар од Црвениот крст. Во истиот напад беа оштетени неколку куќи и гасовод, рече Прокудин.
Во изминатите 24 часа, руските сили извршија 59 напади врз Керсон, додаде гувернерот, пренесе Ројтерс.