Внимавајте со храната за Велигден!
Во пресрет на велигденските празници, лекарите апелираат граѓаните да бидат особено внимателни при подготовката и консумирањето на храната, бидејќи токму во овој период традиционално се зголемува бројот на цревни инфекции и труења со храна.
По завршувањето на велигденските пости, трпезите се полнат со разновидна и често потешка храна, која се подготвува во големи количини и се консумира со денови. Според лекарите, токму неправилното чување на храната и нејзината долготрајна употреба ја зголемува опасноста од расипување и контаминација.
Д-р Горан Рангелов од Универзитетската клиника за инфективни болести посочува дека храната треба да се подготвува и чува во соодветни услови, а најбезбедно е да се консумира веднаш по нејзината подготовка.
При евентуално труење со храна, најчести симптоми се повраќање, дијареа и покачена температура, која може да трае неколку дена. Во вакви случаи, најважно е да се избегне дехидратација и да се внесуваат доволни количини течности.
Посебна внимателност се препорачува кај лицата кои постеле, бидејќи наглото враќање на мрсна и тешка храна може да предизвика здравствени проблеми, како воспаление на желудникот или панкреасот.
Лекарите предупредуваат и за ризикот од консумирање јајца кои се чуваат подолго време по празниците, иако се термички обработени. Во пракса, како што велат, имало случаи на труење дури и недели по Велигден, поради несоодветно складирани јајца.
Во меѓувреме, надлежните институции најавуваат засилени контроли. Агенцијата за храна и ветеринарство врши вонредни инспекции во маркети, угостителски објекти, месарници, зелени пазари и кај производители и увозници на бои за јајца, со цел да се гарантира безбедноста на храната во празничниот период.