
ВИДЕО Висок водостој на реките: Можни излевања и свлечишта!
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, преку Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), Сектор за хидрологија, издаде хидролошка информација на 19.11.2025 година во 14:30 часот, информирајќи за актуелната состојба со водотеците во земјата.
Како што велат, останува висок водостојот на река Вардар во горниот дел од течението заедно со притоките.
„Бранот на вода во текот на денот се движи кон Скопје и низводно кон Ѓурумлери, Огњанци, Орешани и Зелениково. На потегот од Ѓурумлери до Зелениково можни се локални излевања на реката и појави на локални заезерувања на водата.
До крајот на денот се очекува постепено движење на бранот на вода на река Вардар низводно кон Велес. Се уште е висок водостојот на река Лепенец, како и на река Пчиња во горниот дел од нејзиното течение каде исто така се можни слаби локални излевања.
Можни се и излевања на река Кумановска каде исто така има значително покачен водостој. Во текот на денот има значително зголемување на водостојот на река Црна и пред сѐ на нејзината притока река Драгор каде се очекува да биде полно коритото на реката во текот на денот.
Исто така зголемување на водостојот има на река Треска, но засега без опасност од излевање на реката. Во сливот на река Радика заедно со сите нејзини притоки се очекува да продолжи високиот водостој во текот на денот. На истокот од земјата прилично висок водостој бележи река Крива.
Исто така, поради обилните врнежи можни се појави на одрони и свлечишта посебно во западните делови на земјата.
Предупредуваме на внимателно движење покрај реките и суводолиците во текот на денешниот ден“, велат од таму.
