
ВИДЕО Утрово избувна нов пожар на депонијата „Вардариште“ – граѓаните повторно се гушат
Утрово повторно избувна пожар на депонијата „Вардариште“, оставајќи ги скопските населби Аеродром и Ново Лисиче обвиени во густ чад и непријатна миризба. Загадениот воздух ја влоши секојдневието на граѓаните, кои велат дека не можат ниту прозорец да отворат.
„Чадот навлезе во домовите, станува неподносливо. Се работи за сериозна еколошка закана“, реагираат жители од Ново Лисиче преку социјалните мрежи.
Во Аеродром, протестите против загадувањето од депонијата траат веќе трет ден. Граѓаните излегоа на улица и го блокираа мостот „Киро Глигоров“, испраќајќи порака дека институциите мора да реагираат итно.
Од раните утрински часови пристигнуваат бројни пријави за силна миризба и отежнато дишење, а најмногу погодени се постарите лица и децата.
Според најавите, протестите ќе продолжат и денеска од 18 часот и ќе траат сè додека не се најде трајно решение за овој долгогодишен проблем во срцето на главниот град.