
ВИДЕО „Најдобро е Груевски да се врати во Македонија, има немир и паника во опозициската партија“, вели Османи
Поранешниот премиер Никола Груевски треба да е во Македонија и да се соочи со правдата. Вака министерот за надворешни работи Бујар Османи коментира во интервју за ТВ21, алудирајќи дека е нарушена безбедноста на државата со отсуството на поранешниот премиер, кој ужива азил во Будимпешта.
„Од политички аспект има едно прашање кое знам дека ќе се злоупотреби, но од безбедносен аспект да имате премиер кој што ви бил премиер повеќе од 10 години и ги имал сите информации на државата, а е во рацете на на друга држава, тоа не е паметно за било која држава“, изјави Бујар Османи во емисијата Анализа со Борјан Јовановски на ТВ21.
Османи додава дека нема никаква иницијатива во делот за негово враќање.
„Најдобро е тој да е овде и да се справува со судските процеси кои што ги има. Тоа би било најдобро решение. Затоа ова го кажувам повеќе аналитички, но целата оваа фама околу некаква комуникација е тој психолошки страв кој ние не го разбираме“, додава Османи.